Вредноста на сертификатите: Кој кого лаже?

Живееме во систем кој со децении нè учеше дека формата е поважна од суштината. Нè дресираа да бркаме хартии, дипломи и уверенија, верувајќи дека штом ќе ги ставиме во фиока, со тоа автоматски сме си ја осигуриле иднината и кариерата.
Ајде размислете убаво, колку од вас добиле повисока плата поради одреден сертификат?
Особено високото образование, масовно им ги земаше на луѓето парите, штанцајќи дипломи. Деновиве сме сведоци на една поразителна вест – дипломирани лекари од Медицинскиот факултет во Штип ги депортираат од Словенија бидејќи немаат основни познавања од медицина.
За штетата од ова врз целото општество нема ни потреба да се дискутира. Но, што е со штетата врз тие дипломирани поединци?
Бидејќи живееме во систем со извитоперени вредности, многумина сигурно ќе речат: „Им е гајле, си станале доктори!“ – важно е само дека се „снашле“ и се стекнале со титулата, без оглед на последиците. Но, само ограничен човек би помислил дека незнаењето да ја вршиш својата професија води кон некој среќен живот.
Парадоксот во сметководството: Армија со уверенија, а колку со знаење?
Оваа матрица со години се пресликува и во нашата професија. Имаме цела армија сметководители со уверение, добиено поради завршено соодветно формално образование и одреден работен стаж. А, колку од нив навистина знаат да ја вршат својата професија?
Дури и задолжителните КПУ обуки, наместо да бидат простор за учење и поддршка на сметководителите со знаење што им е потребно, се претворија во бирократска диктатура на пазарот. Сметководителите се принудени да следат предавања кои не им носат реална вредност, само за да си го задржат уверението.
До кога ќе трае ова?
Големиот ресет на вештачката интелигенција
Крајот на оваа илузија ќе дојде побрзо отколку што мислиме, а катализатор ќе биде вештачката интелигенција (АИ). Моментот кога АИ ќе ги преземе оперативните функции на внесување податоци во сметководството, правилата на игра драматично се менуваат.
Под влијание на АИ, компјутерските програми ќе станат неверојатно поедноставни за користење. Тоа значи дека само техничките знаења (кликнувањето и внесувањето) повеќе нема да бидат на цена. Пазарот брутално ќе бара суштинско познавање на сметководството.
Верувам дека системот кој „го штити интересот на сите“ нема лесно да се откаже од своите извори на приходи и парите од лиценци. Но, самите уверенија за овластени сметководители ќе мора да се надополнат со вистински сметководители – без оглед на тоа дали имале или немале формално уверение. Бизнисот во новата ера ќе плаќа за суштинско знаење, а не за мртва хартија во фиока.
Не е лошо да се подготвиме. Промените се веќе пред нас.
Сметководство #ИнститутПрактикум #ОвластенСметководител #АИвоСметководството #ВештачкаИнтелигенција #ЗнаењеНадДиплома #СистемскиПромени #ПрофесионаленРазвој #Кариера

