Од пасивно слушање до активно учење: гејмификацијата и учењето базирано на игра

Во текот на моето образование никогаш не бев целосно задоволна од квалитетот на наставата што ја добивав. Се чудев на отсуството на креативност, ентузијазам и желба кај моите професори да го привлечат интересот на учениците и да им го пренесат знаењето. Седев во училници во кои професорот зборуваше, додека присутните го слушаа со погледи што јасно укажуваа на недостиг од интерес и разбирање. Никогаш не ми беше јасно како, во такви услови, професорите можат да бидат задоволни од својата работа.
Кога животот ме стави во позиција да предавам, во едно бев сигурна: никогаш нема да си дозволам да бидам како професорите чии часови ми оставиле таков впечаток.
Добро се сеќавам дека во основното образование речиси единствениот предмет што ме интересираше беше математиката. На другите часови тешко го задржував вниманието и често ми беше досадно. Сепак, денес имам многу познавања од историјата и географијата, благодарение на романите што сум ги читала и филмовите што сум ги гледала. Тоа ме натера да размислувам дека можеби проблемот не бил во недостигот од интерес кај мене, туку и во начинот на кој ми било пренесувано знаењето.
За мене е важно учењето да биде интересно, да предизвикува љубопитност и да носи задоволство. Не гледам зошто образованието би морало да биде здодевно за да биде сериозно и квалитетно.
Токму затоа се заинтересирав за гејмификацијата и учењето базирано на игра. Благодарение на програмата Еразмус+, преку учество на курс на оваа тема во Шпанија и искуство од набљудување на работата (job shadowing) во Финска, имав можност да научам повеќе за овие пристапи и за нивната примена во образованието.
Една од првите работи што ги научив е дека постои разлика меѓу гејмификацијата и учењето базирано на игра.
Гејмификацијата подразбира внесување елементи на игра во образовниот процес, додека учењето базирано на игра подразбира користење игри како средство за стекнување знаења и развивање вештини.
Наједноставно можам да ја објаснам разликата преку пример. Ако при совладувањето на редовната наставна материја на учениците им доделуваме поени, значки или им овозможуваме да напредуваат на ранг-листи за да ја зголемиме нивната мотивација, тоа е пример за гејмификација. Ако, пак, играме Монопол за да ги разбереме основите на сметководството, станува збор за учење базирано на игра.
Од курсот што го посетив заклучив дека гејмификацијата не е подеднакво ефикасна во сите образовни ситуации. Мојот впечаток е дека таа може да биде покорисна во образованието на децата, додека нејзината примена во образованието на возрасните зависи повеќе од предметот и од начинот на кој се организира наставата. Од друга страна, учењето базирано на игра го гледам како пристап што може да биде интересен за сите возрасни групи. Впрочем, зошто возрасните не би учеле преку игра ако таа им помага полесно да ги разберат и применат знаењата?
Веќе се развиени бројни технички алатки за примена на овие концепти во онлајн курсевите. Мислам дека денес е повеќе од јасно колку е значајно онлајн учењето, особено во образованието на возрасните. Неговиот квалитет и ефикасност можат значително да се подобрат преку креирање позабавна и поинтерактивна настава, со примена на алатки како GamePress и H5P.
За време на job shadowing посетата во Финска се запознав и со Wonda Pro и Wondercraft, алатки што отвораат дополнителни можности за создавање поинакви образовни искуства.
Wonda Pro овозможува креирање интерактивни симулации со виртуелни ликови, преку кои учесниците можат да вежбаат реални ситуации, да решаваат проблеми и да донесуваат одлуки. Замислете колку ваквиот пристап може да биде корисен во образованието на возрасните, кога наместо само да слушаат објаснување, учесниците можат да се најдат во симулирана ситуација и да вежбаат како би постапиле во реалноста. Апликацијата содржи и готови темплејти за здравство, бизнис и учење јазици.
Wondercraft, од друга страна, овозможува создавање образовни аудио и видео содржини со помош на вештачка интелигенција, вклучувајќи и видеа со AI-аватари. И ова е можност што вреди да се истражи при креирањето современи курсеви.
Во Финска се запознав и со ActiveFloor, технологија што ги претвора подот, ѕидот или масата во интерактивна површина за учење преку игра и движење. Со помош на проектор, сензори за движење и соодветен софтвер, учесниците можат активно да учествуваат во образовните игри. Особено ми е интересно тоа што ваквата технологија може да се приспособи на различни предмети и категории ученици, отворајќи можности за учење што ги надминуваат вообичаените граници на училницата.
По овие искуства, уште повеќе верувам дека образованието може да биде поинтересно, покреативно и поефикасно. Но, за да се случи тоа, не е доволно само да имаме пристап до нови технологии. Потребни се едукатори кои се подготвени да истражуваат, да испробуваат нови пристапи и да размислуваат како нивната настава може да стане подобра.
Еразмус+ ни дава можност да учиме од колегите во други земји, да запознаваме нови методи и технологии и да се вратиме дома со идеи што можеме да ги примениме во сопствената практика.
На крајот, не смееме да заборавиме дека нашата улога не е само да ја пренесеме наставната материја, туку и да го поттикнеме интересот за учење. Кога учениците не разбираат или не се заинтересирани, треба да се запрашаме дали постои нешто што можеме да го направиме поинаку.
Животот ни ја дал привилегијата да влијаеме врз знаењето и развојот на луѓето кои доаѓаат кај нас да учат. Тоа е и наша одговорност: да се трудиме да им го пренесеме знаењето на најдобриот можен начин.
Ако не сакаме нашите ученици да престанат да учат, ниту ние не смееме да престанеме да учиме.

