Дали сметководствената професија ќе исчезне или само вие станувате заменливи?

Сите зборуваат за тоа како вештачката интелигенција (АИ) ќе го промени сметководството. Но, пред да се плашиме од иднината, треба да бидеме искрени за тоа што ни се случи во минатото.
Досегашните компјутерски програми и софтвери ни донесоа голема корист – ја забрзаа и олеснија работата. Но, истовремено направија и огромна штета. Како? Така што ги „успаа“ луѓето.
Поради тоа што софтверот автоматизираше голем дел од процесите и вработените добиваа само парцијални задачи, многумина ја изгубија големата слика. Дури и оние кои некогаш навистина знаеле сметководство, со текот на времето го заборавија. Престанаа да размислуваат за суштината на книжењата и се претворија во обични внесувачи на податоци.
И сега доаѓа АИ. Што ќе направи вештачката интелигенција? Таа целосно ќе ги преземе токму тие “oператорски” функции. Внесувањето фактури, административните задачи и слепото чукање бројки веќе нема да биде работа за човек. Машината ќе го прави тоа побрзо и поевтино.
Дали е ова лошо? Напротив, ова е супер за професијата! АИ ќе ги преземе сите досадни и оперативни задачи и конечно ќе остави простор само за она што е навистина важно и напредно во сметководството. Конечно оваа исклучително интересна и значајна професија ќе блесне со целиот свој интелектуален потенцијал. Сметководството веќе нема да биде само исполнување на законски регулативи, туку ќе стане клучниот столб во менаџирањето на секој бизнис.
Но, тука е суровата реалност: ќе има работа само за оние кои ја разбираат суштината на сметководството и ја гледаат целата слика. За оние кои знаат како да ги читаат и толкуваат извештаите, а не само да внесуваат податоци во нив.
Ако работите во сметководствен сектор, а свесни сте дека не ја знаете позадината на книжењата и само механички ги следите чекорите во програмата, време е сериозно да се подразмислите.
Пред вас имате само два избора: Или суштински да го научите сметководството, или да почнете да барате работа во друг сектор.

