Анализа на чувствителноста на преломната точка на рентабилност (sensitivity analysis)
Преломната точка на рентабилност има големо значење во процесот на сметководствено планирање. Една од причините поради која го пресметуваме прагот на рентабилност е за да испланираме колкава продажба треба да оствариме за покривање на трошоците на работењето и за реализација на посакуваниот профит. Но, економското окружување е прилично неизвесно. Иднината носи промени во пазарните услови, однесувањето на конкуренцијата, па и во политиката на нашата компанија, кои се одразуваат на нашето работење и може да имаат своевиден одраз врз прагот на рентабилност.
Со предвидувањето на ефектот од евентуалните промени врз нашето работење, ние можеме да и излеземе во пресрет на неизвесноста и да бидеме подготвени за ефикасно прилагодување на работењето кога тие промени ќе настанат. Оваа постапка на предвидување на ефектите од евентуалните промени врз одредени параметри од работењето се нарекува анализа на чувствителност (sensitivity analysis). Анализата на чувствителност треба да биде составен дел од процесот на деловно одлучување.
На овој час ќе извршиме анализа на чувствителноста на преломната точка на рентабилност.
Веќе знаеме дека преломната точка на рентабилност зависи од фиксните трошоци, варијабилните трошоци и продажната цена на производот. Продажната цена на производот во поголемиот број на случаи ја дефинира самото претпријатие, а таа е најчесто предмет на промена доколку дојде до промена во трошоците, па ние ќе го разледаме влијанието на промената на фиксните и варијабилните трошоци врз преломната точка на рентабилност и врз профитот на работењето.
Претпоставуваме дека претпријатието ја завршило годината со продажба на 8.400 единици производи, со продажна цена од 200 п.е. и варијабилни трошоци по единица од 100 п.е.. Вкупните фиксни трошоци изнесувале 600.000 п.е. Доколку се остане непроменето претријатието треба да очекува наредната година да ја заврши со оперативна добивка од 240.000 п.е. Но, што ќе се случи доколку фиксните или варијабилните трошоци се зголемат или намалат за 10%?
Ефектите од тие промени се прикажани во табелите подолу:
Тековно | 10% зг. на ф.т. | 10% нам. на ф.т. | |
Продажна цена по 1 пр-од | 200 | 200 | 200 |
Варијабилни тр-ци по 1 пр-од | 100 | 100 | 100 |
Годишни фиксни трошоци | 600,000 | 660,000 | 540,000 |
Преломна точка на рентабилност | 6,000 | 6,600 | 5,400 |
Обем на продажба | 8,400 | 8,400 | 8,400 |
Приходи од продажба | 1,680,000 | 1,680,000 | 1,680,000 |
Вкупни варијабилни трошоци | 840,000 | 840,000 | 840,000 |
Контрибуциска маржа | 840,000 | 840,000 | 840,000 |
Годишни фиксни трошоци | 600,000 | 660,000 | 540,000 |
Оперативна добивка | 240,000 | 180,000 | 300,000 |
Тековно | 10% зг. на в.т. | 10% нам. на в.т. | |
Продажна цена по 1 пр-од | 200 | 200 | 200 |
Варијабилни тр-ци по 1 пр-од | 100 | 110 | 90 |
Годишни фиксни трошоци | 600,000 | 600,000 | 600,000 |
Преломна точка на рентабилност | 6,000 | 6,667 | 5,455 |
Обем на продажба | 8,400 | 8,400 | 8,400 |
Приходи од продажба | 1,680,000 | 1,680,000 | 1,680,000 |
Вкупни варијабилни трошоци | 840,000 | 924,000 | 756,000 |
Контрибуциска маржа | 840,000 | 756,000 | 924,000 |
Годишни фиксни трошоци | 600,000 | 600,000 | 600,000 |
Оперативна добивка | 240,000 | 156,000 | 324,000 |
Табелите ни покажуваат дека со зголемување на фиксните трошоци за 10%, преломната точка на рентабилност ќе се зголеми на 6.600 производи, а оперативната добивка ќе се намали на 180.000 п.е. Намалувањето на трошоците имаат спротивен ефект, односно намалување на варијабилните трошоци за 10% го намалува количеството на производи, кое треба да го произведеме за да ги покриеме трошоците на 5.455 единици и предизвикува зголемување на оперативната добивка на 324.000 п.е.
За оние кои не ги пратат часовите последователно, за начинот на пресметка на поединечните параметри од табелата, може да прочитате во претходните лекции.
Секогаш кога вршиме планирање треба да извршиме и анализа на сензитивноста на планот. Се препорачува да направиме три сценарија: најмногу очекувано сценарио, песимистичко и оптимистичко сценарио. Особено е важна анализата на чувствителноста на приходите од продажба при изработката на планиранираните (проформа) финансиски извештаи. И на овој пример може да испитуваме како промените во обемот на продажба ќе се рефлектираат врз финансискиот резултат на работењето.
Во случајот што го разгледувавме анализата на чувствителноста може да ја извршиме со едноставни формули во Excel, но доколку располагаме со повеќе податоци и поголема испреплетеност меѓу нив, употребата на понапредни функции за пресметка може значително да ни ја олесни работата и да го забрза процесот на добивање на резултатот.