Утврдување на цената на чинење на производот
Цената на чинење на еден производ е збир од директните материјали, директните плати и општите трошоци за производство по единица производ.
Минатиот час, го дадовме примерот за производство на маса и ги разграничивме директните и индиректните производни трошоци.
Количината на дрво, потрошенa во производството на масата, помноженa по набавната цена по единица количина, го претставува трошокот за директни материјали.
Бројот на работни часови, потрошени во производството на масата, помножени по цена по работен час, го претставува трошокот за директни плати.
Киријата за просторијата за производство, амортизацијата на машините за производство и платата на супервизорот, претставуваат општи трошоци на производство и нивниот карактер е индиректен. На овие трошоци ќе ги додадеме и потрошената електрична енергија и потрошените помошни материјали.
Директните материјали и директните плати може да ги идентификуваме за конкретен производ, но не и индиректните општи трошоци за производство. Нивната алокација по единица производ се врши со одреден клуч.
На залиха, производите најчесто се водат по цената на чинење. Со намалувањето на залихата, при сметководствената едиденција на продажбата, вршиме евиденција на трошоци на продадени производи и услуги, согласно цената на чинење, односно сметката Трошоци на продадени производи и услуги е составена од трошоците за директните материјали и директни плати и општите трошоци за производство. Значи, овие директни и индиректни трошоци, за кои зборуваме, кога ќе се одземат од приходите од продадени производи и услуги, ја даваат бруто добивката во биланс на успех.
Да претпоставиме дека претпријатието, коешто ја произведуваше масата, во својот производствен асортиман има два вида маси: маса А и маса Б. Произвeдeната количина, директните материјали и директните плати по единица производ се следните:
Маса А | Маса Б | |
Производство (количина) | 1.475 | 250 |
Директни материјали по 1 пр-од | 1.600 | 1.350 |
Директни плати по 1 пр-од | 300 | 360 |
Општите трошоци за реализираното производство се следните:
Помошни материјали | 22.500 |
Индиректни плати | 50.000 |
Потрошена енергија | 80.000 |
Кирија за објектот | 40.000 |
Амортизација | 99.500 |
Вкупно: | 292.000 |
За да ја добиеме цената на чинење по единица производ, треба да ги распределиме општите трошоци по единица производ.
Тоа може да го направиме користејќи два клуча за распределба: директните материјали и директните плати.
Ќе почнеме со тоа што ќе ги преметаме вкупните трошоци за директни материјали и вкупните трошоци за директни плати, со множење на трошокот по единица производ по произведената количина.
Пример: Вкупните трошоци за директни материјали за маса А = 1.475 x 1.600 = 2.360.000.
Потоа ги пресметуваме вкупните трошоци за потрошени материјали и потрошени плати за двата производа со собирање на вкупните трошоци за директни материјали, односно плати за масата А и вкупните трошоци за директни материјали, односно плати за масата Б.
Пример: Вкупните трошоци за директни материјали за двата производа = 2.360.000 + 337.500 = 2.697.500.
Откако ги имаме податоците за вкупните трошоци за директни материјали, односно директни плати за двата производа, ќе го пресметаме процентуалното учество на секој производ во вкупниот износ.
Пример: Процентуалното учество на производот А во трошоците за директни материјали = (2.360.000 / 2.697.500) x 100 = 87%;
Процентуалното учество на производот А во трошоците за директни материјали = (337.500 / 2.697.500) x 100 = 13%.
По извршувањето на сите калкулации, би требало да ги добиете следните податоци:
Маса А | Маса Б | Вкупно | |
Производство (количина) | 1.475 | 250 | 1.725 |
Вкупни трошоци за директни материјали | 2.360.000 | 337.500 | 2.697.500 |
% Тр-ци за директни материјали | 87% | 13% | 100% |
Вкупни трошоци за директни плати | 442.500 | 90.000 | 532.500 |
% Тр-ци за директни плати | 83% | 17% | 100% |
Откако ги знаеме учествата на производите во вкупните трошоци, ќе можеме да извршиме и алокација на општите трошоци по поединечните производи.
Ако ги користиме директните материјали како клуч за алокација, општите трошоци ќе ги помножиме со процентуалното учество на поединечните производи и ќе ги добиеме вкупните општите трошоци по вид на производ. Кога вкупните општите трошоци по вид на производ ќе ги поделиме по произведенита количина ќе ги добиеме општите трошоци по единица производ.
Пример: Опшите трошоци ги множиме со учеството на масата А во вкупните трошоци за директни материјали: 292.000 x 87% = 255.466;
Трошоците за директни материјали за масата А ги делиме со бројот на произведени маси: 255.466 / 1.475 = 173.
Истата постапка ќе ја повторите и за производот Б.
При користењето на директните плати како клуч за алокација, постапката е иста како и кај директните материјали.
Откако ќе ги направите сите пресметки, би требало да ги добиете следните податоци:
Маса А | Маса Б | Вкупно | |
Производство (количина) | 1.475 | 250 | 1.725 |
Општи тр-ци (клуч: директни материјали) | 255.466 | 36.534 | 292.000 |
Општи тр-ци по 1 пр-од (клуч директни материјали) | 173 | 146 | |
Општи тр-ци (клуч директни плати) | 242.648 | 49.352 | 292.000 |
Општи тр-ци по 1 пр-од (клуч: директни плати) | 165 | 197 |
Гледаме дека постои извесна разлика меѓу општите трошоците по единица производ при примената на различните клучеви, па ќе постои разлика и во цената на чинење на производите.
Цена на чинење на масата А и масата Б со користење на директните материјали, како клуч за алокација на општите трошоци е следната:
Маса А | Маса Б | |
Директни материјали по 1 пр-од | 1.600 | 1.350 |
Директни плати по 1 пр-од | 300 | 360 |
Општи тр-ци по 1 пр-од (клуч директни материјали) | 173 | 146 |
Цена на чинење по 1 пр-од | 2.073 | 1.856 |
Цена на чинење на масата А и масата Б со користење на директните плати, како клуч за алокација на општите трошоци е следната:
Маса А | Маса Б | |
Директни материјали по 1 пр-од | 1.600 | 1.350 |
Директни плати по 1 пр-од | 300 | 360 |
Општи тр-ци по 1 пр-од (клуч директни плати) | 165 | 197 |
Цена на чинење по 1 пр-од | 2.065 | 1.907 |
Кој клуч на распределба на општите трошоци ќе се користи е одлука на самото претпријатие.
Ова е традиционален начин на утврдување на цената на чинење на производ.
Како алтернатива на традиционалниот начин постои и современ начин за утврдување на цената преку т.н. сметководство на активности. Сметководството на активности ќе го разработиме наредниот час.