Kоефициент на обрт на залихи
Коефициентот на обрт на залихите е мошне значаен индикатор на деловната активност на претпријатието, кој се пресметува на следниот начин:
Обрт на залихите = Трошоци на продадени производи / Просечни залихи
Под просечни залихи во горенаведената формула се смета просечното салдо на сметката Залихи на готови производи од почетокот и крајот на разгледуваниот пресметковен период.
Овој показател ја прикажува ефикасноста на претпријатието во управувањето со залихите, односно покажува колку пати залихите на компанијата се претвораат во готови пари во текот на една година. Доколку неговата вредност е поголема се смета дека е подобро управувањето со залихите, бидејќи тоа значи дека со понизок износ на залихи е остварен поголем волумен на реализација.
Секое претпријатие треба да одржува минимално потребно ниво на залихи, бидејќи чувањето на залихи повлекува различни трошоци (ризик од застареност на залихите, трошоци во врска со обезбедување на складишен простор, дополнителни трошоци за манипулација и осигурување, камати за ангажираните средства). А, ако се потсетиме на формулата за пресметка еден од основните индикатори на профитабилност ROA, ќе забележиме дека пониското ниво на залихи директно влијае врз зголемување на вредноста на овој индикатор, односно брз зголемување на профитабилноста на деловното работење.
Пониското ниво на залихи во претпријатието значи пониски трошоци за управувањето со залихите, но и премногу ниските залихи можат да предизвикаат дополнителни трошоци на работењето (губење на количински рабат, неможност количински да се задоволат побарувањата на купувачите, губење на купувачите, дополнителни трошоци за реклама и сл.). Минималното ниво на залихи кое претпријатието треба да го одржува во голема мера зависи од видот на индустријата во која претпријатието стопанисува. Со оглед на тоа, коефициентот на обрт на залихите на едно претпријатие треба да го гледаме во рамките на просечниот обрт во индустријата во рамките на која претпријатието делува. Претпријатието кое има најголем обрт во рамките на индустријата може да го сметаме за најефикасно. Споредбата на коефициентите на обрт на залихите на претпријатија од различни индустрии не е соодветна.
Споредба на коефициентот на обрт на залихите на вашата компанија со американските компании од истата индустрија може да извршите врз основа на податоците на: http://www.bizstats.com/corporation-industry-financials/. Само изберете го типот на индустријата и под Industry Financial Ratios може да ја видите вредноста на коефициентот на обрт на залихите означен со англискиот назив Inventory Turnover. Во отсуство на статистички податоци за нашето стопанство, ова споредба може да ви биде мошне корисна за да видите каде стои вашиот бизнис во однос на просекот во развиените стопанства.
На коефициентот на обрт на залихите ќе го надоврземе и индикаторот за просечните денови на врзување во залихи кој се пресметува на следниот начин:
Денови на врзување во залихи = 365 / Показател на обрт на залихи
Овој показател ја покажува ликвидноста на залихите, односно покажува колку е просечниот број на денови за кои компанијата ги претвора залихите во готови пари. Неговата поголема вредност укажува на помала ефикасност на работењето и обратно. Менаџментот на секоја компанија настојува да ја одржува вредноста на овој индикатор на минимално ниво со цел да ги минимализира трошоците за одржување на залихи, а притоа да не загрози нормалното снабдување на коминтентите.
Во продолжение се прикажани биланс на состојба и биланс на успех на едно претпријатие, врз основа на чии податоци ќе ги пресметаме гореспоменатите индикатори на деловна активност.
Биланс на состојба | 2015 | 2014 |
Средства | 8.693.000 | 8.565.000 |
Постојани средства | 4.553.000 | 4.455.000 |
Материјални средства | 3.700.000 | 3.700.000 |
Нематеријални средства | 750.000 | 650.000 |
Вложувања во хартии од вредност | 3.000 | 5.000 |
Вложувања во подружници | 100.000 | 100.000 |
Тековни средства | 4.140.000 | 4.110.000 |
Залихи | 1.400.000 | 1.300.000 |
Побарувања од купувачите | 2.500.000 | 2.500.000 |
Останати побарувања | 150.000 | 250.000 |
Пари и парични еквиваленти | 90.000 | 60.000 |
Акционерска главина и обврски | 8.693.000 | 8.565.000 |
Капитал и резерви | 7.303.000 | 7.015.000 |
Акционерски капитал | 2.703.000 | 2.715.000 |
Останати резерви | 1.300.000 | 1.300.000 |
Задржана добивка | 3.300.000 | 3.000.000 |
Долгорочни обврски | 50.000 | 170.000 |
Долгорочни кредити | 50.000 | 170.000 |
Тековни обврски | 1.340.000 | 1.380.000 |
Обврски кон добавувачите и останати обврски | 950.000 | 1.000.000 |
Краткорочни обврски | 390.000 | 380.000 |
Биланс на успех | 2015 | 2014 |
Приходи од продажба | 5.700.000 | 5.650.000 |
Трошоци на продадени производи | 3.000.000 | 2.850.000 |
Бруто добивка | 2.700.000 | 2.800.000 |
Трошоци за истражување и развој | 46.000 | 39.000 |
Трошоци за продажба и маркетинг | 1.750.000 | 1.900.000 |
Административни трошоци | 270.000 | 270.000 |
Добивка од работењето | 634.000 | 591.000 |
Трошоци на финасирањето | 30.000 | 31.000 |
Добивка пред оданочување | 604.000 | 560.000 |
Данок на добивка | 60.400 | 56.000 |
Нето-добивка | 543.600 | 504.000 |
Обрт на залихите = Трошоци на продадени производи / Просечни залихи = 3.000.000/((1.400.000+1.300.000)/2))=2,22
Денови на врзување во залихи = 365 / Показател на обрт на залихи = 365/2,22 = 164
Коефициентот на обрт на залихите од 2,22 ни покажува дека анализираната компанија ги претвора залихите во готовина просечно 2,22 во текот на една година, односно просечниот број на денови на чување на залихи изнесува 164. Доколку не станува збор за специфична индустрија, кадешто има некоја причина за подолго чување на залихи, вредностите на овие показатели би ни укажале на ниска ефикасност на работењето на компанијата, слаба продажба, високи трошоци за одржувањето на залихите, ниска ликвидност и сето тоа секако би имало и негативни ефекти врз профитабилноста.