Подгответе се, промени во професијата брзо доаѓаат!

Толку сме навикнати на бавните промени во нашето општество, што мислиме дека некои работи едноставно ќе нè заобиколат. Слушаме нешто што се случува во некоја понапредна држава и велиме: „Еее, тоа кај нас којзнае кога ќе дојде“. За жал, тука не сме сведоци на прогрес кој ни го унапредува животот, туку на истата неефикасност во различна амбалажа. И тоа е вистината за општествените системи – кога мислиме дека не може да биде полошо, тие нè изненадуваат.
Но, тоа не важи за технолошките промени. Тие едноставно доаѓаат, и ако не се прилагодиме на нив, нема да можеме да функционираме.
До пред само неколку години, многумина немаа ни слушнато за вештачката интелигенција, а денес не можат да го замислат секојдневието без неа. ChatGPT беше лансиран на 30 ноември 2022 година – пред само три и пол години. А погледнете денес: речиси нема човек кој не слушнал за него, а вештачката интелигенција масовно се користи во повеќето индустрии и во секојдневниот живот.
Се сеќавате ли колку брутално се форсираше програмирањето? Луѓето масовно запишуваа брзи образовни програми за кодирање, им се гарантираше огромна заработувачка, преку ноќ стануваа „програмери“ и почнуваа да заработуваат. Меѓутоа, денес веќе нема потреба од тие чисто технички вештини – АИ е тој кој го замени механичкото пишување код.
Работата отиде до таа мера што и луѓето кои работат во финансии завршуваа обуки за програмирање само за да можат да анализираат финансиски извештаи. И лицата кои вршеа научни истражувања учеа кодирање за да ги обработат податоците за своите трудови. Каква глупост! Целиот акцент беше ставен на стекнување на непотребни и тешки технички вештини, наместо на суштината.
Вистината е таа: техничките вештини секогаш ќе застаруваат, а суштинското разбирање на професијата секогаш ќе биде „ин“.
Како што АИ ги замени техничките вештини кои до вчера важеа за најперспективни, така комплетно ќе ги замени и сметководствените операции кои со децении се извршуваа на ист начин, а во кои сè уште е инволвиран најголемиот дел од сметководствената фела.
И ова може да се случи со огромна брзина. Еве, нашите телекомуникациски компании се дел од големи меѓународни мрежи. Во моментот кога странскиот сопственик ќе реши дека АИ е поефикасен од луѓето што рачно внесуваат податоци, тие позиции ќе исчезнат преку ноќ и многумина ќе останат без работа.
Ако немате ништо друго да понудите освен механичко извршување – ќе бидете заменети. Подгответе се навреме!

