• За Институтот
  • Курсеви
  • Блог
  • Продавница
  • Контакт
    • Регистрирај сеНајави се
Kурсеви за практични вештиниKурсеви за практични вештини
  • За Институтот
  • Курсеви
  • Блог
  • Продавница
  • Контакт
    • Регистрирај сеНајави се

Управување со трошоци

  • Дома
  • Блог
  • Управување со трошоци
  • Утврдување на преломната точка на рентабилност (break-even analysis) кај два или повеќе производи

Утврдување на преломната точка на рентабилност (break-even analysis) кај два или повеќе производи

  • Објавено од Весна Мицајкова
  • Категории Управување со трошоци
  • Датум 13/01/2017
  • Коментари 0 коментари

На минатиот час учевме како да ја утврдиме преломната точка на рентабилност кај претпријатие кое произведува, односно продава само еден производ. Но, во праксата најчесто претпријатијата произведуваат, односно продаваат повеќе од еден производ, а не можат да ги разграничат фиксните трошоци по поединечните производи. Но, и во тие случаи може да се утврди преломната точка на рентабилност, односно може да утврдиме колкава количина на производи треба да произведеме за да ги покриеме трошоците на нашето работење и да не работиме со загуба. На овој час ќе ви покажам како.

За утврдување на преломната точка на рентабилност за два или повеќе производи ни се потребни следните податоци:

  • Продажната цена по производ;
  • Варијабилните трошоци по единица производ;
  • Фиксните трошоци (кои се однесуваат за сите производи); и
  • Соодносот на производи во производствениот микс.


Првите три податоци ни беа потребни и при утврдување на преломната точка на рентабилност кај еден производ и разграничувањето меѓу фиксните и варијабилните трошоци веќе го објаснивме. Дополнителен податок е соодносот на производи во производствениот микс, кој го претставува поединечното учество на секој производ во вкупната продадена количина.

На пример, просечно продавате 5.000 единици производи, при асортиман од 3 производи, од кои 2.500 отпаѓаат на производ А, 2.000 на производот Б и 500 на производот В. Соодносот на овие производи во производствениот микс на претпријатието може да го изразиме размерно како: 5 : 4 : 1, или процентуално на производот А отпаѓа 50% од продажбата, на производот Б отпаѓа 40% од продажбата, а на производот В отпаѓа само 10% од продажбата.

Сите податоци, кои ни се потребни, може да ги превземеме, односно утврдиме врз основа на нашата сметководствена евиденција. Кога веќе ни се достапни податоците, преломната точка на рентабилност ќе ја пресметаме по следната формула:

ПРОДАЖБА (ПТР) = ФИКСНИ ТРОШОЦИ / ПОНДЕРИРАНА КОНТРИБУЦИСКА МАРЖА

Контрибуционата маржа како термин првпат го спомнуваме, но ја користевме и при пресметка на преломната точка на рентабилност на еден производ, само што во таа формула ја претставивме како разлика меѓу продажната цена и варијабилните трошоци по единица производ, што всушност оваа маржа претставува. Во литературата за контрибуциската маржа се користи и терминот остаток на реализација. Контрибуциската маржа, при утврдување на прагот на рентабилност за повеќе од еден производ, ја пондерираме врз основа на учеството на производите во производствениот микс, користејќи ја следната формула:

ПОНДЕРИРАНА КОНТРИБУЦИСКА МАРЖА = (Контрибуциска маржа од пр-дот А x учество на пр-дот А во производниот микс) + (Контрибуциска маржа од пр-дот Б x учество на пр-дот Б во производниот микс) + (Контрибуциска маржа од пр-дот В x учество на пр-дот В во производниот микс)….

И како секогаш, теоретски звучи комлицирано, но кога ќе ви објаснам на практичен пример, верувам дека работите ќе станат појасни.

Да претпоставиме дека претпријатието продава три производи: А, Б и В.

Учеството на производите во производниот микс е:

Производ А: 20%;

Производ Б: 30%;

Производ В: 50%.

Фиксните трошоци изнесуваат 50.000 п.е.

Пазарната цена на производите, варијабилните трошоци по единица производот и контрибуската маржа за секој поединечен производ се следните:

Производ А Производ Б Производ В
Продажна цена по 1 пр-од 200 100 50
Варијабилни тр-ци по 1 пр-од 100 75 25
Контрибуциска маржа по 1 пр-од 100 25 25

Контрибуцискате маржи за производите ги добивме како разлика меѓу продажните цени и варијабилните трошоци по единица производ. Контрибуциската маржа за производот А е 100 п.е. (200-100), односно толку изнесува остатокот на реализацијата откако ќе се покријат варијабилните трошоци. Контрубуциските маржи за производите Б и В изнесуваат 25 п.е. (100-75 и 50-25), односно 25 п.е. остануваат на располагање по покривање на варијабилните трошоци.

Сега може да извршиме замена во формулата за пондерирана контрибуциска маржа:

ПОНДЕРИРАНА КОНТРИБУЦИСКА МАРЖА = (Контрибуциска маржа од пр-дот А x учество на пр-дот А во производниот микс) + (Контрибуциска маржа од пр-дот Б x учество на пр-дот Б во производниот микс) + (Контрибуциска маржа од пр-дот В x учество на пр-дот В во производниот микс) = 100 x 20% + 25 x 30% + 25 x 50% = 20 + 7,5 + 12,5 = 40

Кога веќе ни е позната пондерираната контрибуциска маржа може да ја пресметаме преломната точка на рентабилност, со едноставна замена во формулата:

ПРОДАЖБА (ПТР) = ФИКСНИ ТРОШОЦИ / ПОНДЕРИРАНА КОНТРИБУЦИСКА МАРЖА = 50.000 / 40 = 1.250

За да може да ги покрие трошоците на работењето, претпријатието од нашиот пример треба да произведува 1.250 единици производи. Тоа треба да биде месечното производство на ова претпријатие, бидејќи при пресметката користевме месечна вредност на фиксните трошоци. Доколку фиксните трошоци се однесуваа на период од една година, претпријатието ќе требаше да оствари продажба од 1.250 единици производи на годишно ниво за да го постигне прагот на рентабилност.

Овие 1.250 единици производи ќе бидат распоредени по видови производи на следниот начин:

Производ А: 1.250 x 20% = 250;

Производ Б: 1.250 x 30% = 375;

Производ В: 1.250 x 50% = 625.

Од анализата на преломната точка на рентабилност на претпријатието од разгледуваниот пример, може да заклучиме дека за да го постигне прагот на рентабилност, ова претпријатие треба да произведува 250 единици од производот А, 375 единици од производот Б и 625 единици од производот В.

  • Сподели:
Весна Мицајкова
Весна Мицајкова е доктор по економски науки со повеќе годишно искуство во финансискиот сектор и искуство како предавач на група предмети од областа на сметководството и финансискиот менаџмент на високообразовна институција.

Претходен напис

Анализа на преломната точка на рентабилност (break-even analysis)
13/01/2017

Нареден напис

Анализа на чувствителноста на преломната точка на рентабилност (sensitivity analysis)
20/01/2017

Може да Ви се допадне и

Cena na usluga
Одредување на цена на бизнис услуга
10 март, 2017
ABC
Сметководство на активности (Activity Based Costing)
24 февруари, 2017
Cena na cinenje
Утврдување на цената на чинење на производот
17 февруари, 2017

Остави реплика Откажи одговор

Мора да се пријавите за да испратите коментар.

Категории

  • Анализа на финансиски извештаи
  • Анализа на финансиски индикатори
  • Бизнис
  • НОВОСТИ
  • Планирање и предвидување
  • Управување со залихи
  • Управување со трошоци
-
logo-eduma-the-best-lms-wordpress-theme
kontakt@casoviposmetkovodstvo.mk
++389 070/766-463

Институт Практикум © 2016-2019 All rights reserved.

  • Услови на употреба
  • Политика на приватност

Најави се

No apps configured. Please contact your administrator.

Ја заборави лозинката?

Не си член се уште? Регистрирај се сега

Register a new account

Дали си член? Најави се

Facebook