Сметководствено планирање и предвидување (Moving average метод)
Една од најзначајните функции на менаџерското сметководство е обезбедување на информации за планирање, контрола и мерење на перформансите на работењето. Планирањето, како прва функција на менаџментот, во денешното комплексно и многу променливо бизнис окружување, е исклучително важно за остварување на деловен успех на краток и на долг рок. Недостатокот на планирање и фундаменталните грешки при поставување на планот влегуваат во седумте основни причини за пропаѓање на бизнисите.
Многумина сметководственото планирање го поврзуваат само со изготвувањето на бизнис план при започнувањето на нов бизнис. За жал, основна причина поради која се подготвуваат бизнис плановите е тоа што кредитните институции од каде што се позајмуваат финансиски средства го наложуваат тоа. А, причината за изготвување планови во деловното работење не смее да биде само од формална природа. Во плановите, по детална анализа на окружувањето, ние ги прецизираме нашите очекувања за идното работење, со споредба на очекувањата и реализацијата вршиме контрола на работењето, а врз основа на резултатите од контролата може да превземеме мерки за подобрување на перформансите.
Поради значењето што го има за деловниот успех, сметководственото планирање треба да се врши на контиунирана основа. Сметководствени планови може да се прават за речеси секој аспект на работењето, а нивната основна поделба е на оперативни и финансиски. Оперативните планови се насочени кон организација на ресурсите и факторите на производство, а финансиските кон користењето на финансиските средства. Поаѓајќи од тоа, нормално е оперативните планови да бидат позастапени кај производните претпријатија, кои треба да прават планови за директни материјали, директни плати, општи трошоци на производство, трошоци содржани во готовите производи, кои не се соодветни за трговските и услужните дејности. Оперативното планирање завршува со планиран биланс на успех.
Без разлика од типот на дејноста на претпријатието, производство, трговија или услуги, сметководственото планирање започнува со планирање на продажбата. Прво, мора да предвидиме колку можеме и очекуваме да продадеме, а врз основа на тоа, ќе ги предвидиме и ресурсите, односно трошоците кои таа продажба ќе ги повлече. Значи, сметководственото планирање е тесно поврзано со предвидувањето и заедно тие две активности се сметаат за основа на рационалното и ефикасно деловно одлучување.
Предвидувањето може да се изврши со два методи: квалитативни и квантитативни. Квалитативните методи се базираат на мислењето на експерти и мора да се применуваат кога немаме историски податоци за движењето на продажбата во минатото. А, доколку имаме такви податоци, податоците можат да се квантифицираат и претпоставуваме дека и во иднина ќе се задржи истиот тренд на движење, може да примениме квантитативен метод за предвидување. Секоја компанија, во зависност од расположливите податоци, знаењето и експертизата на менаџментот, одлучува која метод за предвидување ќе го примени.
Во склопот на овие часови би сакала да ви покажам дека примената на квантитативните методи за предвидување може да биде прилично едноставна. Со оваа лекција ќе го објасниме методот Moving average. Не го знам адекватниот превод на овој термин и затоа ќе го користам оригиналниот назив, но во слободен превод moving average би значело движечки просек. Пресметките ќе ги вршиме во Excel, на реални податоци за продажбата на Алкалоид АД Скопје, кои се прикажани во табелата подолу.
Со примена на методот Moving average ќе извршиме предвидување на продажбата на Алкалоид за 2014 година. При примена на овој метод треба да избереме и интервал за кој ќе го пресметуваме просекот. Сега ќе пресметуваме 3 годишен просек. Ги внесуваме податоците во Excel и пресметката ја вршиме на следниот начин:
- Проверуваме дали го имаме симнато Excel Data Analysis пакетот (доколку не го имаме, ќе треба да го симнеме);
- Одиме во Excel – Data – Data Analysis, бираме Мoving average и притискаме ОК;
- Се отвора прозорец, кој ни бара да внесеме Input Range, Interval и Output Range.
- Во Input Range ја внесуваме вредноста на продажбата;
- Во Interval го внесуваме бројот на годините за кои ќе пресметуваме просек (во нашиот случај тоа се 3 години);
- Во Output Range ја внесуваме келијата или келиите, каде што сакаме да ни се појави резултатот.
Оваа постапка е прикажана во сликата подолу.
Кликаме ОК и го добиваме следниот резултат:
Година | Продажба | |
2001 | 3.183 | |
2002 | 3.431 | #N/A |
2003 | 3.196 | #N/A |
2004 | 3.167 | 3.270 |
2005 | 3.250 | 3.265 |
2006 | 3.536 | 3.204 |
2007 | 4.023 | 3.317 |
2008 | 4.726 | 3.603 |
2009 | 5.466 | 4.095 |
2010 | 5.934 | 4.738 |
2011 | 6.738 | 5.375 |
2012 | 6.789 | 6.046 |
2013 | 7.098 | 6.487 |
6.875 |
По методот Мoving average со 3 годишен интервал се предвидува дека приходите од продажба на Алкалоид АД Скопје во 2014 година ќе изнесуваат 6.875 милиони денари.
Обидете да ја предвидите продажбата за 2014 година користејќи Мoving average со 5 годишен интервал. Би требало да добиете резултат од 6.405.
Изборот на интервалот зависи од големината на периодот кој го разгледуваме и од тоа колку во минатото сакаме да се вратиме. Пократките интервали го земаат во предвид поскорото минато, а подолгите земаат предвид и постари податоци. Не е лошо, кога ќе го користите Мoving average методот за предвидување на продажбата, да извршите пресметки за повеќе од еден интервал, а во некој од наредните часови ќе ви покажам како да одредите која прогноза е подобра.
Мoving average е еден од наједноставните методи на временски серии кои се користат за финансиско предвидување. Тој често се користи од дилерите за предвидување на цените на валутите, кои знаеме дека флуктуираат на дневна основа. При предвидување на цените на валутите најчесто се применува Мoving average со интервали од 50, 100 или 200 дена.
Во финансиското предвидување како посложен метод од Мoving average се применува методот Exponential smoothing, со кој ќе продолжиме во наредната лекција.
[wpdevart_like_box profile_id=”1216861971666780″ connections=”hide” width=”30″ height=”60″ header=”small” cover_photo=”show” locale=”en_US”]
Остави реплика
Мора да се пријавите за да испратите коментар.
1 коментар
Vesna sakam da se slusnam so vas ama ne mozam da ve dobijam ,pa ako moze da vi kazete koe vreme moze da vi se javam .
Sakam da se dogovoram za casovi po upravuvacko smetkovostvo 2 ,da mi objasnete nekoi temi.Ve zamoluvam da mi se javite.
Pozdrav