Оперативни и капитални трошоци
Можеби сте ги слушнале термините OPEX и CAPEX. Тоа се кратенки од англискиот назив за оперативните и капиталните трошоци. Поделбата на трошоците на оперативни и капитални, често пати се користи во процесот на сметководствено планирање, во склопот на кој се прават поединечни планови за оперативните и за капитални трошоци. Планот за оперативните трошоци и планот за капиталните трошоци стојат високо во рамките на хиерахијата на планови на една работна организација.
Во минатата лекција зборувавме за оперативните трошоци и го прикажавме нивното место во билансот на успех на претпријатието. Во категоријата на оперативни трошоци, влегуваат поголемиот број на трошоци од деловното работење. Тука влегуваат трошоците за плати, кирии, комуналии, реклама и пропаганда и сл. Односно, оперативните трошоци ги опфаќаат сите трошоци, коишто произлегуваат од редовното работење на претпријатието, со исклучок на трошоците за производството на производи и услуги и набавната вредност на производите за препродажба. Финансиските и вонредните трошоци се исто така посебна категорија, која се разликува од оперативните трошоци.
Наспроти оперативните трошоци, капиталните трошоци се издатоци кои придонесуваат кон зголемување на средствата со кои располага претпријатието. Тука влегуваат набавките на постојани средства или трошоците кои предизвикуваат зголемување на вредноста на овие средства, на пример: набавка на транспорното средство, набавка на нов мотор за машина, израмнување на земјиште и сл.
Додека, оперативните трошоци влегуваа во билансот на успех на претпријатието и придонесуваат за намалување на основицата за пресметување на данок на добивка, капиталните трошоци немаат третман на трошоци во класична сметководствена смисла на зборот и се евидентираат во билансот на состојба. Како такви тие немаат дирекно влијание врз данокот на добивка кој треба да го плати претпријатието, но индиректно сепак влијаат.
Да го разгледаме ова на еден пример: Претпријатието А купило транспортно средство во вредност од 500.000 денари и ја евидентирало оваа трансакција во Дневникот на книжење на следниот начин:
Датум | Реден бр. | Назив на конто | + | – |
1 | Транспортни средства | 500.000 | ||
Парични средства | 500.000 |
Набавката на транспортно средство е капитален трошок од 500.000 денари. Но, наместо да ја евидентираме оваа трансакција како трошок во билансот на успех на претпријатието, ние ја евидентираме како средство во билансот на состојба. Зошто не извршивме евиденција на класичен трошок во моментот на набавката?
Можам да наведам две причини:
- Не е оправдано да ја евидентираме оваа трансакција како трошок во тековната година бидејќи транспортното средство нема да се користи само таа година, односно тоа има подолг век на употреба;
- Станува збор за голем издаток кој ако се прокнижи како трошок во периодот кога набавката е извршена може да прикаже нереален негативен финансиски резултат од работата на претпријатието.
Но, нели овој капитален трошок сепак треба на некој начин да влезе во билансот на успех и да има влијание врз финансискиот резултат на работењето, а со тоа и врз обврската за плаќање на данок на добивка? Секако дека да, особено бидејќи станува збор за вистински паричен издаток.
Индиректно капиталните трошоци влегуваат во билансот на успех на претпријатието преку трошоците за амотизација. Амортизацијата е оперативен трошок на работењето, кој произлегува од претходно извршен капитален трошок.
Доколку, за набавеното транспротно средство е предвидена годишна амортизациска стапка од 25%, односно век на траење од 4 години и праволиниски метод на пресметка на амортизацијата, четири години по ред, на годишно ниво во билансот на успех ќе биде евидентиран оперативен трошок за амортизација од 125.000 денари. Односно, во рок од 4 години, капиталниот трошок од 500.000 денари, ќе индицира оперативен трошок по основ на амортизација во истиот износ.
На тој начин капиталните трошоци индиректно се одразуваат врз финансискиот резултат на претпријатието.