• За Институтот
  • Курсеви
  • Блог
  • Продавница
  • Контакт
    • Регистрирај сеНајави се
Kурсеви за практични вештиниKурсеви за практични вештини
  • За Институтот
  • Курсеви
  • Блог
  • Продавница
  • Контакт
    • Регистрирај сеНајави се

Набавки и обврски

  • Дома
  • Книговодство
  • Набавки и обврски

Набавките и обврските се првата тема со која ќе ги започнеме часовите за книговодствена евиденција во Дневникот на книжење. Лекциите во склопот на оваа тема треба да ве научат:

  • Да вршите сметководствена евиденција на набавката на постојани (материјални и нематеријални) и тековни средства, набавени во готово или на одложено плаќање;
  • Како да ги третирате зависните трошоци на набавката;
  • Да вршите сметководствена евиденција на набавените кредити од банка и каматата по основ на тие кредити;
  • Да вршите сметководствена евиденција на платите на вработените.
 

Евиденција на набавките и обврските кон добавувачите

Сега, кога веќе се запознавме со основните работи, можеме да започнеме со процесот на сметководствена евиденција.

При почнувањето на бизнис, неопходно е да извршиме почетни набавки за да почнеме со извршување на работата.

Во примерот што го разгледавме, при објаснување на финансиските извештаи, трговецот со масло набави транспортно средство и моторно масло од производителот кое има намера да го препродава. Тие набавки е неопходно да се евидентираат во Дневникот на книжење. Да претпоставиме дека транспортното средство чинело 600.000 денари, а набавената количина на моторно масло чинела 200.000 денари (1.000 литри x 200 денари) и да ги прокнижиме овие трансакции.

Датум Реден бр. Назив на конто + –
21.03.2016 1 Транспортно средство 600.000  
           Обврски кон добавувачите   600.000
21.03.2016 2 Залиха на производи 200.000  
           Обврски кон добавувачите   200.000

Како го извршивме книжењето?

  • Си го поставивме прашањето: Дали трансакцијата предизвикува промена на некое средство од билансот на состојба? – Одговорот е да, бидејќи и транспортното средство и залихата на готови производи се средства кои се евидентираат во активата на билансот на состојба;
  • Следното прашање е: Дали трансакцијата ја зголемува или намалува состојбата на средството? – Трансакцијата ја зголемува состојбата на средствота (транспортното средство и залихата на готови производи), бидејќи станува збор за набавка;
  • Зголемувањето на состојбата на активните конта се книжи на позитивната страна, на страната должи, каде што и ја вршиме евиденцијата;
  • Спротивното конто, во случајов контото Обврски кон добавувачите го задолжуваме на спротивната страна. Тоа е пасивно конто и неговото зголемување се евидентира на негативната страна, односно на страната побарува.

Е сега, да го објасниме малку контото Обврски кон добавувачите. Основен документ за набавката е фактурата, која ја добиваме од деловниот субјект, кој ни испорачал производи односно ни извршил одредени услуги. На датумот на испораката ние ги ставаме производите на залиха и евидентираме обврски кон добавувачот врз основа на добиената фактура. Датумот на испорака и датумот на фактурата се поклопуваат. Но, покрај овој датум, фактурата има и друг датум, кој го определува денот кога треба да го извршиме плаќањето, или едноставно е наведен рок на плаќање во број на денови, па сами го пресметуваме денот почнувајќи да броиме од датумот на фактурата. Тој ден кога треба да го извршиме и го извршуваме плаќањето, ја вршиме следната сметководствена евиденција.

Датум Реден бр. Назив на конто + –
21.03.2016 1 Обврски кон добавувачите 600.000  
           Парични средства   600.000
21.03.2016 2 Обврски кон добавувачите 200.000  
           Парични средства   200.000

Значи, треба да запомниме дека: Кога ќе добиеме фактура од добавувачот, ја евидентираме нашата обврска за плаќање на контото Обврски кон добавувачите (со книжење на негативната страна, бидејќи е пасивно конто). Кога ќе го извршиме плаќањето ги намалуваме Паричните средства и ги намалуваме Обврските кон добавувачите (со книжење на позитивната страна, бидејќи е пасивно конто).

Сите набавки врз основа на издадена фактура од добавувачот се книжат на сметката Обврски кон добавувачите. Спротивната сметка е некое средство од активата на билансот на состојба. Ако набавуваме поединечна ставка, на пример: земјиште, транспортно средство, машина, називот на сметката најчесто соодветсвува со набавеното добро, односно книжиме на конто: Земјишта, Транспортни средста, Машини. А доколку набавуваме повеќе исти ставки, како што се производите за продажба или материјали, суровини за производство или производи кои влегуваат во категоријата ситен инвентар, нив ги ставаме на залиха, па книжиме на сметките: Залиха на готови производи, Залиха на материјали, Залиха на суровини, Залиха на ситен инвентар. На залихата всушност се ставаат оние производи кои во фактурата се изразени количински: во парчиња, килограми, литри, метри или некоја друга количинска единица. Количината по продажната цена ја дава вредноста на фактурата.

Одредени набавки може да се плаќаат во готово и тогаш се избегнува книжењето на сметката Обврски кон добавувачите, туку директно се намалува сметката Парични средства. Во деловното работење ваквите случаи се поретки и ограничени на помали вредности на набавката, но во овие лекции, со цел полесно совладување на материјалот, ќе користиме примери на плаќање во готово, кои во праксата не се среќаваат.

Сите горенаведени набавки, всушност претставуваат средства во билансот на состојба на претпријатието. А средствата во билансот на состојба се делат на тековни и постојани. Основниот критериум по кој се разликуваат тековните и постојаните средства е нивната рочност. Тековните средства се краткорочни, односно се наменети за употреба во временски период пократок од една година и во нашиот случај тоа се средствата кои ги водиме на залиха. Постојаните средства имаат рок на употреба поголем од една година и во оваа категорија влегуваат: земја, згради, машини, мебел, транспортни средства и нематеријални средства (патентни, лиценци, бренд, гудвил, франшиза).

 

Зависни трошоци на набавките

Набавката на одредено средство, покрај набавната цена, може да ја следат и други трошоци: транспортни трошоци, трошоци за осигурување, трошоци за инсталација, трошоци за поправки и реновирање, трошоци за данок, трошоци за царина (доколку станува збор за средство набавено од странство) и многу други.

Трошоци може да ја зголемат вредноста по која го евидентираме средството во активата на билансот на состојба или може да се евидентираат како трошок со кој се зголемуваат расходите во билансот на успех.

Да го објасниме ова на еден пример. Да претпоставиме дека трговецот со моторно масло решил да купи земјиште на кое ќе изгради сопствен магацин. Земјиштето го набавил во вредност од 300.000 денари, а за неговото израмнување потрошил 5.000 денари. Покрај тоа тој имал трошоци по основ на данок на промет на имот од 2.000 денари. Претпоставуваме и дека сите овие трошоци, трговецот ги платил во готово. За обезбедување на земјиштето ангажирал агенција за чија услуга плаќал 3.000 денари месечно, а за одржување на земјиштето (чистење, одржување на тревата) ангажирал фирма за чија услуга плаќал 4.000 денари месечно. На земјиштето изградил магацин, а за иградбата потрошил 500.000 денари. И тука претпоставката е дека сите трошоци поврзани со изградбата на магацинот се платени во готово. Како ќе ги евидентираме овие трансакции во Дневникот на книжење.

Колку вреди земјиштето?

Земјиштето се евидентира во книгите на трговецот според трошокот за неговата набавка. Во трошокот на набавка, покрај набавната цена, влегуваат и трошоците за израмнување и данокот на промет на имотот. Па во Дневникот ќе прокнижиме:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
21.03.2016 1 Земјиште 307.000  
           Парични средства   307.000

Трошоците за обезбедување и одржување на земјиштето нема да ги вклучиме во набавната вредност на земјиштето. Доколку е предвидено да добиваме месечна фактура за трошоците од фирмите кои ни ги обезбедуваат услугите, на крајот на секој месец ќе книжиме:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
30.04.2016 1 Трошоци за обезбедување на земјиште 3.000  
           Обврски кон добавувачите   3.000
30.04.2016 2 Трошоци за одржување на земјиште 4.000  
           Обврски кон добавувачите   4.000

Што се однесува до магацинот, дадени ни се трошоците за неговата изградба, па во Дневникот ќе прокнижиме:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
21.03.2016 1 Градежни објекти 500.000  
           Парични средства   500.000

Е сега, се наметнува многу важно прашање, а тоа е прашањето: Кои набавки, односно зависни трошоци, ќе ги вклучиме во вредноста на средствата, а кои ќе ги евидентираме директно како трошок?

Одговорот на тоа прашање лежи во едно друго прашање кое гласи: Дали направениот трошок е задолжителен за таа набавка, го зголемува капацитетот на средството, неговата ефикасност или рокот на употреба?

Доколку одговорот е да, тој трошок, односно набавка, ќе ја вклучиме во вредноста на средството. Притоа мора да напоменеме дека кога зборуваме за зголемување на ефикасноста, мислиме на значајно зголемување, на некој подолг рок.

Доколку одговорот е не, тој трошок, односно набавка, ќе го евидентираме директно како трошок.

Во горенаведениот пример трошокот за израмнување на земјиштето ја зголемува ефикасноста на земјиштето, а данокот на промет на имотот е задолжителна давачка при купување на недвижнини. Овие константации не водат кон вклучување на овие трошоци во набавната вредност на земјиштето.

Додека, трошоците за одржување и обезбедување на земјиштето, ниту се задолжителни, ниту ја зголемуваат ефикасноста, капацитетот или рокот на употреба на земјиштето. Затоа нив ги книжиме директно како трошок.

Да претпоставиме дека сме набавиле машина од странство. Цената на машината наведена во фактурата на добавувачот во денарска противвредност изнесува 100.000 денари. За истата машина сме платиле царина од 7.500 денари, трошоци за транспорт од 5.000 денари и шпедитерски услуги до 1.000 денари. Сите овие трошоци се неопходни трошоци за набавката и ќе ги вклучиме во вредноста на машината. Претпоставуваме дека тие се платени во готово, па во Дневникот на книжење евидентираме:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
21.03.2016 1 Машини 113.500  
           Парични средства   113.500

За подмачување на машината трошиме масло во вредност од 6.000 денари годишно.

По одреден временски период моторот на машината се расипува и набавуваме нов за 45.000 денари.

Како ќе ги книжиме овие набавки?

Дали подмачувањето е задолжителен трошок, директно поврзан со набавка на машината? Дали подмачувањето го зголемува капацитетот на средството, неговата ефикасност или рокот на употреба? – Одговорот е не, зошто подмачкувањето има краткотрајни ефекти, па затоа го книжиме директно како трошок на следниот начин:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
21.03.2016 1 Трошоци за одржување на машини 6.000  
           Парични средства   6.000

Дали набавениот мотор е задолжителен трошок, директно поврзан со таа набавка? Дали моторот го зголемува капацитетот на машината, нејзината ефикасност и рокот на употреба?

Одговорот е да, па вредноста на набавениот мотор ќе ја зголеми вредноста на машината.

Под претпоставка дека моторот е платен во готово, ќе книжиме:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
21.03.2016 1 Машини 45.000  
           Парични средства   45.000

Сите овие примери беа за постојани средства. Сега ќе разгледаме и еден пример за евиденција на зависните трошоци кај тековните средства.

Да се вратиме на нашиот трговец на моторно масло кој решил да набави 1.000 литри масло од странство по цена од 160 во денарска противвредност по литар. Да претпоставиме дека станува збор за увозна набавка, за која е платена царина од 22.000 денари. Фактурата за транспорт од превозникот изнесувала 18.000 денари. Поѓајќи од горенаведените правила сите овие трошоци ќе влезат во залихата на производи, па вредноста на залихата ќе изнесува 200.000 денари ((1.000 литри x 160 денари) + 22.000 + 18.000). Единечната набавна цена по литар масло ќе изнесува 200 денари.

Од овој пример гледаме дека кога станува збор за набавка на повеќе производи, зависните трошоци се алоцираат по производ.

 

Обврски кон банката по основ на кредити

Покрај обврските кон добавувачите ќе спомнеме и други видови обврски кои може да произлезат од деловно-финансиското работење. Тоа се обврски кон банката, обврски кон вработените, обврски кон државата и други видови обврски.

Ако се навратиме назад, во почетните лекции, ќе се потсетиме дека трговецот со моторно масло зема кредит од банка за набавка на транспортното средство. Да претпоставиме дека банката исплатила 480.000 денари на сметката на трговецот по основ на одобрен кредит на 18.03.2016. Таа трансакција во Дневникот на книжење на трговецот е евидентирана на следниот начин:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
18.03.2016 1 Парични средства 480.000  
           Обврски кон банката за примени кредити   480.000

Одобрениот кредит ги зголемува паричните средства со кои располага трговецот и предизвикува обврски кон банката по тој основ. Обврските кон банката се намалуваат со отплата на кредитот. Да претпоставиме дека условите на кредитирањето се отплатата да биде извршена во 24 еднакви рати од по 20.000 денари. На 18.04.2016 трговецот ја уплаќа првата рата од 20.000 денари и во Дневникот евидентира:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
18.03.2016 1 Обврски кон банката за примени кредити 20.000  
           Парични средства   20.000

Обидете се да ги прокнижите во Дневникот на книжење и останатите 19 рати и да направите т-сметка на контото Обврски кон банката за примени кредити. Ќе забележите дека со отплатата на последната рата од кредитот, салдото на оваа сметка ќе биде нула, односно обврските кон банката ќе бидат подмирени и контото ќе биде затворено.

Но, добро знаеме дека банката нема да ни позајми средства без камата. Камата претставува цена за добиениот кредит, трошок за корисникот на кредитот, а приход за банката. Доколку банкате за горенаведениот кредит предвидела годишна каматна стапка од 10%, секој месец ќе треба да и плаќаме по основ на камата 4.800 денари (480.000 x 10%/12). И секој месец во Дневникот ќе евидентираме:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
18.04.2016 1 Расходи за камата 4.800  
           Парични средства   4.800

 

Обврски кон вработените (плати и придонеси)

Сопственикот на секој бизнис, доколу има вработени, има и финансиски обврски кон вработените. Работодавачите во Република Македонија се должни да исплаќаат бруто плата на вработените лица во редовен работен однос. Бруто платата е составена од нето плата, придонес за здравствено осигурување, придонес за пензиско и инвалидско осигурување (ПИО), придонес за осигурување во случај на невработеност и персонален данок на доход. Нето платата е оној износ од бруто платата, кој му се исплаќа директно на работникот. Придонесите се одредени како процент од бруто платата. Повеќе околку пресметката на бруто платата може да видите на: http://plata.m.ie.mk/.

Тука нема да влегуваме во квантификацијата на одредените придонеси, туку ќе ја објасниме сметководствената евиденција на пресметката и исплатата на платата.

Платата во Република Македонија се пресметува на месечна основа и се исплаќа надоцна до 15-тиот ден од наредниот месец. Платата за работодавачите претставува трошок, кој треба да се евидентира во моментот на неговото настанување. Бидејќи станува збор за месечен трошок се евидентира на последниот календарски ден од месецот, а бидејќи е трошок нормално е да го евидентираме на страната должи. На последниот ден од месецот само ја евидентираме платата, а исплата може да се изврши и подоцна, поради тоа на страната побарува евидентираме Обврски.

Да се вратиме на нашиот трговец за моторно масло. Тој започна мал бизнис со кој си обезбеди самовработување и единствената плата којашто треба да ја исплаќа, бидејќи нема други вработени, е неговата. Да претпоставиме дека трговецот, за почеток, си одредил месечна бруто плата од 30.000 денари. По тој основ, на крајот на месецот, ќе ја изврши следната евиденција во Дневникот на книжење:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
31.03.2016 1 Трошоци за бруто-плата 30.000  
           Обврски за плати и придонеси од плати   30.000

Ако се приклучите на http://plata.m.ie.mk/ ќе може да видите колкав дел од таа бруто плата останува на располагање на трговецот, односно ќе видите колкава нето-плата ќе земе трговецот. Ако исплатата на платата и придонесите е извршена на 15 април, во Дневникот на книжење на трговецот ќе биде евидентирано:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
15.04.2016 1 Обврски за плати и придонеси за плати 30.000  
           Парични средства   30.000

Со исплатата на платата и придонесите се намалуваат паричните средства со кои располага трговецот,, од една страна,  а од друга страна, згаснуваат обврските за плати и придонеси на плата (проверка може да направите преку салдото на т-сметката на контото Обврски).

По правило, трошоците за плата и обврските за плата се разграничуваат на трошоци за нето-плата и трошоците за даноци и придонеси за плата. Оваа поделба произлегува од тоа што исплата на нето-платата е обврска кон вработените, а исплатата на даноци и придонеси на плата е обврска кон државата. Поаѓајќи од податокот дека за бруто-плата од 30.000 денари работникот ќе добие нето-плата од 20.450 денари, горенаведените групни книжења за пресметка и исплата на плата може да ги разграничиме на поединечни конта:

Датум Реден бр. Назив на конто + –
31.03.2016 1 Трошоци за нето-плата 20.450  
    Трошоци за даноци и придонеси на плата 9.550  
           Обврски кон вработените за плата   20.450
       Обврски за даноци и придонеси на плата   9.550
15.04.2016 2 Обврски кон вработените за плата 20.450  
    Обврски за даноци и придонеси на плата 9.550  
           Парични средства   30.000

Категории

  • Анализа на финансиски извештаи
  • Анализа на финансиски индикатори
  • Бизнис
  • НОВОСТИ
  • Планирање и предвидување
  • Управување со залихи
  • Управување со трошоци
-
logo-eduma-the-best-lms-wordpress-theme
kontakt@casoviposmetkovodstvo.mk
++389 075/747-480

Институт Практикум © 2016-2022 All rights reserved.

  • Услови на употреба
  • Политика на приватност

Најави се

No apps configured. Please contact your administrator.

Ја заборави лозинката?

Не си член се уште? Регистрирај се сега

Register a new account

Дали си член? Најави се

Facebook