Лекциите во склопот на оваа тематска единица ќе ви овозможат да научите:
-
Како да извршите временско разграничување на трошоците и приходите на периодот на кој се однесуваат;
-
Кога да ги применувате контата: Активни временски разграничувања (АВР) и Пасивни временски разграничувања (ПВР);
-
Како да вршите сметководствена евиденција на контата АВР и ПВР.
Временски разграничувања на трошоците и приходите
Сметководствената евиденција што ја изучуваме на овие часови е предвидена со закон, задолжителна за сите деловни субјекти и се одвива по строго определени правила и прописи. Врз база на сметководствените информации се изработуваат финансиски извештаи исто така на задолжителна основа, но се изработуваат и многу извештаи на доброволна основа. Додека задолжителната евиденција влегува во областа на финансиското сметководство, постои и управувачко односно менаџерско сметководство кое се занимава со користење на сметководствените информации за потребите на деловното одлучување. Односно, менаџерите на претпријатијата бараат од сметководителите изработка на разни извештаи со цел на обезбедување контрола на работењето и донесување исправни деловни одлуки.
На пример, веќе зборувавме за билансот на успех како преглед на приходите и расходите на претпријатието, кој ја прикажува профитабилноста на работењето. Законски е предвидена изработка на овој извештај за пресметковен период од една година. Но, за контрола и унапредување на работењето, секако дека е добро приходите и расходите да се следат на пократки временски периоди, преку периодични извештаи, кои во зависност од динамиката на работењето може да бидат шестмесечни, квартални или месечни. За да бидат овие периодични извештаи точни, што е исклучително важно за донесување на исправни деловни одлуки, важно е приходите и расходите при задолжителната сметководствена евиденција да бидат евидентирани во периодот за кој се однесуваат.
Во деловното работење често пати за одредени набавки плаќаме однапред или даваме услуги на одложено плаќање, па со едно книжење може да евидентираме приходи или трошоци кои се однесуваат за повеќе временски периоди. Ваквата евиденција може да даде погрешна слика за работењето на претпријатието и да предизвика донесување на погрешни деловни одлуки, па затоа е добро да ги разграничиме тие трошоци по временските периоди на кои се однесуваат. За временско разграничување на трошоците се користат контата на временски разграничувања, кои може да бидат активни и пасивни.
Контото на активни временски разграничувања се применува при евиденцијата на однапред платените трошоци и ненаплатените приходи, а контото на пасивни временски разграничувања се применува при евиденција на одложените плаќања на трошоците и приходите на идните периоди.
Активни временски разграничувања (АВР)
На сметката активни временски разграничувања се евидентираат однапред платени трошоци и однапред пресметани, а ненаплатени приходи, кои се однесуваат на временски период пократок од 12 месеци.
Однапред платени трошоци
Карактеристичен пример за однапред платени трошоци е годишната претплата за весници и списанија.
Да претпоставиме дека нашиот трговец на моторно масло се претплатил на дневни весници за цена од 12.000 денари годишно. Уплатата ја извршил на 01.03.2016 и согласно склучениот договор за таа цена трговецот ќе добива дневни весници почнувајќи од тој ден, па заклучно со 28.02.2017 година. Трговецот би можел да ја книжи оваа претплата директно и целосно како трошок на следниот начин:
Датум | Реден бр. | Назив на конто | + | – |
01.03.2016 | 1 | Трошоци за весници и списанија | 12.000 | |
Парични средства | 12.000 |
Но, трговецот го следи своето работење преку месечни финансиски извештаи и доколку ги евидентира трошоците на горенаведениот начин, вкупните трошоци ќе се појават во извештајот за месец март. Таквиот начин на евиденција нема да даде реална слика за работењето, бидејќи трошоците не се однесуваат само за месецот март, туку се однесуваат за 12 месеци во годината. Најреален приказ би се добило доколку трошоците за весници и списанија се евидентираат подеднакво секој месец, односно доколку се пресметува месечен трошок за весници и списанија од 1.000 денари.
Разграничувањето на трошоците по пресметковни периоди во сметководството е овозможено преку контото Активни временски разграничувања (АВР). Користејќи ги ова конто во Дневникот на книжење на трговецот ќе евидентираме:
Датум | Реден бр. | Назив на конто | + | – |
01.03.2016 | 1 | АВР-Платени претплати за весници и списанија | 12.000 | |
Парични средства | 12.000 | |||
31.03.2016 | 2 | Трошоци за весници и списанија | 1.000 | |
АВР-Платени претплати за весници и списанија | 1.000 |
Вториот книговодствен став ќе го повторуваме на крајот на секој месец заклучно со 28.02.17. Ако направите т-сметка на контото АВР за период од 01.03.16 до 28.02.17 ќе видиме дека оваа сметка ќе се затвори, односно на 28.02.17 нејзиното салдо ќе изнесува нула.
Однапред пресметани, а ненаплатени приходи
Друг случај на примена на активните временски разграничувања е при евиденција на приходите кои ќе се наплатат во иден временски период. Тој случај ќе го илустираме со следниот пример.
Се сеќаваме дека трговецот изгради магацин. Да претпоставиме дека еден дел од изградениот магацин го дал под наем на друго претпријатие. Согласно склучениот договор со другото претпријатие месечната кирија изнесувала 6.000 денари, а обврската за плаќање била квартална. Магацинот му бил ставен на располагање на закупецот на 01.03.16. Доколку трговецот ја евидентира оваа трансакција на класичен начин, приходите за тримесечен наем на магацинот ќе бидат прикажани во месец март. За да ја избегне нереалноста на месечните извештаи што ќе ја предизвика ова книжење, трговецот се одлучува при евиденцијата да го користи контото АВР, па во Дневникот ќе забележи:
Датум | Реден бр. | Назив на конто | + | – |
31.03.2016 | 1 | АВР-Побарувања за нефактурирани кирии | 6.000 | |
Приходи од кирии | 6.000 | |||
30.04.2016 | 2 | АВР-Побарувања за нефактурирани кирии | 6.000 | |
Приходи од кирии | 6.000 | |||
31.05.2016 | 3 | АВР-Побарувања за нефактурирани кирии | 6.000 | |
Приходи од кирии | 6.000 | |||
31.05.2016 | 4 | Парични средства | 18.000 | |
АВР-Побарувања за нефактурирани кирии | 18.000 |
Ако направиме т-сметка на контото АВР за разгледуваниот период, ќе видиме дека контото се затвора со уплатата на тромесечната кирија на сметката на трговецот исто како што во предходниот пример се затвори со пресметката на последниот трошок. Тоа значи дека ова е времено конто и контролата на книжењата може да ги извршиме преку контролата на неговото салдо. Откога ќе ги извршиме сите предвидени книжења салдото на контото АВР мора да биде нула.
Пасивни временски разграничувања (ПВР)
На сметката пасивни временски разграничувања се евидентираат однапред наплатените приходи и однапред пресметаните, а неисплатени трошоци, кои се однесуваат на временски период пократок од 12 месеци.
Однапред наплатени приходи
Доколку трговецот за масло го издадеше магацинот по иста цена, но со тримесечно авансно плаќање, за да ги разграничи приходите по месеци ќе ја применеше сметката пасивни временски разграничувања, па во Дневникот на книжење ќе евидентираше:
Датум | Реден бр. | Назив на конто | + | – |
01.03.2016 | 1 | Парични средства | 18.000 | |
ПВР- однапред платени кирии | 18.000 | |||
31.03.2016 | 2 | ПВР-Однапред платени кирии | 6.000 | |
Приходи од кирии | 6.000 | |||
30.04.2016 | 3 | ПВР-Однапред платени кирии | 6.000 | |
Приходи од кирии | 6.000 | |||
31.05.2016 | 4 | ПВР-Однапред платени кирии | 6.000 | |
Приходи од кирии | 6.000 |
И при евидентирање на пасивните временски разграничувања, како и кај АВР, контролата треба да се врши со изработка на т-сметка за контото ПВР за целокупниот разгледуван период. Доколку салдото на оваа сметка е нула, евиденцијата би требало да биде исправна.
Однапред пресметани, а неплатени расходи
Пред да изгради сопствен магацин, трговецот со моторно масло користел магацински простор под наем од друго претпријатие. Магацинскиот простор го користел под истите услови под кои го издава сопствениот простор, односно по месечна кирија од 6.000 денари, но плаќање на три месеци. Закупениот магацин го користел во период од 01.12.16 до 29.02.17. Трошоците за кирија во Дневникот на трговецот биле евидентирани на следниот начин:
Датум | Реден бр. | Назив на конто | + | – |
31.03.2016 | 1 | Трошоци за кирии | 6.000 | |
ПВР-Однапред пресметани расходи | 6.000 | |||
30.04.2016 | 2 | Трошоци за кирии | 6.000 | |
ПВР-Однапред пресметани расходи | 6.000 | |||
31.05.2016 | 3 | Трошоци за кирии | 6.000 | |
ПВР-Однапред пресметани расходи | 6.000 | |||
31.05.2016 | 4 | ПВР-Однапред пресметани расходи | 18.000 | |
Парични средства | 18.000 |
Т-сметката на ПВР во пресметковниот период се затвора, што значи дека евиденцијата би требало да биде исправна.
Евиденција на АВР или ПВР, на должи или побарува?
Самите називи на сметките АВР и ПВР укажуваат дека активните временски разграничувања влегуваат во склопот на активата на билансот на состојба на претпријатието и имаат третман на средства, а пасивните временски разграничувања влегуваат во склопот на пасивата на билансот на состојба на претпријатието и имаат третман на обврски. Поаѓајќи од тоа, кога вршиме авансно плаќање го користиме контото АВР, а кога плаќаме на почек, односно имаме обврска за идно плаќање, го користиме контото ПВР. Кога продаваме нешто на одложено плаќање, односно имаме побарување за идно плаќање, го користиме контото АВР, а кога сме извршиле авансна наплата, односно имаме обврска за идна услуга, го користиме контото ПВР.
При определување на која страна на контата АВР и ПВР ќе ја извршиме сметководствената евиденција, бидејќи секогаш разграничуваме приходи и расходи, кои имаат дефинирана страна на книговодствена евиденција (приходите на побарува, расходите односно трошоците на должи), прво ќе го евидентираме приходот односно трошокот, а евиденцијата на сметките АВР или ПВР ќе ја извршиме на спротивната страна. Збирното книжење ќе го извршиме на соодветната страна, која ќе ни овозможи затворање на контото на временското разграничување, односно доведување на неговото салдо до нула.
Дополнителни приватни часови по сметководство
Сите кои имаат интерес и потреба може да ме контактираат за дополнителни индивудуални или групни часови.