• За Институтот
  • Курсеви
  • Блог
  • Продавница
  • Контакт
    • Регистрирај сеНајави се
Kурсеви за практични вештиниKурсеви за практични вештини
  • За Институтот
  • Курсеви
  • Блог
  • Продавница
  • Контакт
    • Регистрирај сеНајави се

Анализа на финансиски индикатори

  • Дома
  • Блог
  • Анализа на финансиски индикатори
  • Индикатори на финансиска структура

Индикатори на финансиска структура

  • Објавено од Весна Мицајкова
  • Категории Анализа на финансиски индикатори
  • Датум 07/10/2016
  • Коментари 0 коментари

Меѓу финансиските индикатори, кои служат за анализа на деловното работење, значајно место заземаат и индикаторите на финансиската структура. Овие индикатори укажуваат на квалитетот на финансиската структура на едно претпријатие преку утврдување на степенот на неговата задолженост.

Да се потсетиме на билансот на состојба, кој веќе рековме дека има две страни: актива и пасива. Активата ги претставува средствата, а пасивата изворите на средства. Пасивата е составена од обврски и капитал, пришто обврските се позајмените извори на средства, а капиталот ги претставува сопствените извори на средства. Ако ја оценуваме финансиската структура на едно претпријатије поаѓајќи од структурата на пасивата на билансот на состојба, нормално е да кажеме дека финансиски постабилно е она претпријатие кај кое учеството на сопствените средства во вкупните извори на средства е поголемо. Односно финансиски постабилно е она претпријатие кое има понизок степен на задолженост.

%d1%84%d0%b8%d0%bd%d0%b0%d0%bd%d1%81%d0%b8%d1%81%d0%ba%d0%b0-%d1%81%d1%82%d1%80%d1%83%d0%ba%d1%82%d1%83%d1%80%d0%b0

При анализа на деловното работење, најчесто применувани индикатори на финансиската структура се следните:

 

  • Показател на вкупна задолженост;
  • Показател долг – сопствен капитал;
  • Показател на покриеност на камата.


Показателот на вкупната задолженост се пресметува како однос меѓу вкупните обврски и вкупните средства на компанијата.

Показател на вкупна задолженост = Вкупни обврски / Вкупни средства

Овој показател покажува колкав дел од средствата на компанијата се финансираат со задолжување. Пониска вредност на показателот укажува за постабилна финансиска структура на претпријатието, бидејќи поголем дел од средствата се финансираат од сопствен капитал. Вредноста на овој показател е различна меѓу претпријатијата и не постои некој однапред утврден стандард. Поради тоа, при анализата на овој показател треба да се земе во предвид претходната историја на претпријатието, кога станува збор за учеството на позајмените извори, како и просекот во гранката во која претпријатието стопанисува, ама како практично дозволена максимална граница се смета 0,5 или 50% финансирање од позајмени извори.

Показателот долг – сопствен капитал (debt/equity ratio, D/E) е финансиски показател којшто го покажува релативниот однос на вкупните обврски и капиталот на компанијата.

Показател долг-сопствен капитал= Вкупни обврски/Акционерски (сопствен) капитал

Долг-сопствен капитал е еден од клучните финансиски показатели и се користи како стандард за оценување на финансиската состојба на компанијата. Тој, исто така, е мерило за способноста на компанијата за отплата на нејзините обврски. За оптимално ниво на коефициентот долг-сопствен капитал се смета вредноста 1 односно долгот (обврските) да бидат еднакви со капиталот. Меѓутоа, треба да се има предвид дека овој показател е специфичен кога станува збор за различни дејности, затоа што неговата висина зависи од пропорцијата на тековните и нетековните средства на конкретната компанија. Колку компанијата има повеќе нетековни средства, (како во капитално интензивните индустрии) толку повеќе капитал е потребен за финансирање на овие долгорочни инвестиции. За повеќето компании, максимално прифатлива вредност на овој показател е 1,5-2 и помалку. За големите јавни компании овој показател може да биде и поголем од 2, но за повеќето мали и средни компании тоа ниво не е прифатливо.

Овие индикатори на финансиската структура на претпријатието всушност претставуваат индикатори на степенот на левериџ т.е. задолженост на претпријатието. Друг аспект на набљудување на финансиската состојба и финансискиот левериџ на компанијата е проценка на тоа колку добро компанијата се справува со финансиските тешкотии и обврски што ги носи задолжувањето и нејзината способност за отплата на трошоците на финансирање. Овде спаѓа показателот за покриеноста на каматата (interest coverage ratio). Овој показател ја покажува способноста на компанијата за покривање на каматата поврзана со финансирањето со позајмен капитал и се пресметува како однос меѓу оперативната добивка и годишниот износ на каматата која ја плаќа компанијата.

Показател за покриеност на камата = Оперативна добивка / Расходи за камата

Колку е пониска вредноста на овој показател, толку повеќе компанијата е оптоварена со трошоци на име камата. Ако показателот за покриеност на каматата за една компанија изнесува 1,5 или помалку, нејзината способност да ги покрие каматните трошоци може да се доведе во прашање. Доколку показателот е под вредност 1 тоа покажува дека компанијата не генерира доволно приходи за да ги покрие трошоците за камати. Како позитивна вредност на овој показател се смета вредноста над 1,5.

Во продолжение се дадени биланс на состојба и биланс на успех на едно претпријатие врз основа на кои ќе ги пресметаме индикаторите на финансиската структура и ќе ја протолкуваме нивната вредност.

Биланс на состојба 2015
Средства 8.693.000
Постојани средства 4.553.000
Материјални средства 3.700.000
Нематеријални средства 750.000
Вложувања во хартии од вредност расположливи за продажба 3.000
Вложувања во подружници 100.000
Тековни средства 4.140.000
Залихи 1.400.000
Побарувања од купувачите 2.500.000
Останати побарувања 150.000
Пари и парични еквиваленти 90.000
Акционерска главина и обврски 8.693.000
Капитал и резерви 7.303.000
Акционерски капитал 2.703.000
Останати резерви 1.300.000
Задржана добивка 3.300.000
Долгорочни обврски 50.000
Долгорочни кредити 50.000
Тековни обврски 1.340.000
Обврски кон добавувачите и останати обврски 950.000
Останати краткорочни обврски 390.000

 

Биланс на успех
Приходи од продажба 5.700.000
Трошоци на продадени производи 3.000.000
Бруто добивка 2.700.000
Трошоци за истражување и развој 46.000
Трошоци за продажба и маркетинг 1.750.000
Административни трошоци 270.000
Оперативна добивка 634.000
Расходи за камата 30.000
Добивка пред оданочување 604.000
Данок на добивка 60.400
Нето-добивка 543.600

 

Показател на вкупна задолженост = Вкупни обврски / Вкупни средства = (50.000 + 1.340.000) / 8.693.000 = 0,16 = 16%

Показател долг-сопствен капитал= Вкупни обврски/Акционерски (сопствен) капитал = (50.000 + 1.340.000)/7.303.000 = 0,19

Показател за покриеност на камата = Оперативна добивка / Расходи за камата = 634.000/30.000 = 21,13

Показателот на вкупна задолженост од 0,16 ни покажува дека 16% од вкупните средства на разгледуваното претпријатие се финансирани со задолжување. Имајќи во предвид дека пониската вредност на овој индикатор укажува на постабилна финансиска структура и дека неговата максимално дозволена вредност е околу 50%, може да заклучиме дека ова претпријатие има високо стабилна финансиска структура.

Показателот долг-сопствен капитал од 0,19 укажува дека вредноста на обврските на разгледуваното претпријатие изнесуваат 19% од капиталот. Имајќи во предвид дека пониската вредност на овој индикатор укажува на постабилна финансиска структура и дека неговата максимално дозволена вредност се движи во граници меѓу 1,5 и 2, може да заклучиме дека ова претпријатие има високо стабилна финансиска структура.

Показателот за покриеност на камата од 21,13 укажува дека оперативната добивка е за 21,13 пати повисока од трошоците за камата. Имајќи во предвид дека како позитивна вредност за овој индикатор се смета вредноста над 1,5, а повисоката вредност укажува за помала оптовареност на компанијата со трошоци за камата, можеме да заклучиме дека оваа компанија не би требало да има никаков проблем за подмирување на трошоците за финансирање.

  • Сподели:
Весна Мицајкова
Весна Мицајкова е доктор по економски науки со повеќе годишно искуство во финансискиот сектор и искуство како предавач на група предмети од областа на сметководството и финансискиот менаџмент на високообразовна институција.

Претходен напис

Индикатори на профитабилност – профитни маржи
07/10/2016

Нареден напис

Индикатори на деловна активност
14/10/2016

Може да Ви се допадне и

pazarni-indikatori
Индикатори на пазарна вредност
2 декември, 2016
inventory-control-warehouse
Kоефициент на обрт на залихи
20 октомври, 2016
Индикатори на деловна активност
14 октомври, 2016

Показателите за користењето (употреба) на средствата на компанијата, познати како показатели за обртот, се користат за проценка на користa од различните облици на средства и затоа се среќаваат и како показатели за ефикасноста на користење на средствата на компанијата. Ефикасноста …

Остави реплика Откажи одговор

Мора да се пријавите за да испратите коментар.

Категории

  • Анализа на финансиски извештаи
  • Анализа на финансиски индикатори
  • Бизнис
  • НОВОСТИ
  • Планирање и предвидување
  • Управување со залихи
  • Управување со трошоци
-
logo-eduma-the-best-lms-wordpress-theme
kontakt@casoviposmetkovodstvo.mk
++389 075/747-480

Институт Практикум © 2016-2022 All rights reserved.

  • Услови на употреба
  • Политика на приватност

Најави се

No apps configured. Please contact your administrator.

Ја заборави лозинката?

Не си член се уште? Регистрирај се сега

Register a new account

Дали си член? Најави се

Facebook