Индикатори на пазарна вредност
Во нашата земја, со неразвиен секундарен финансиски пазар, индикаторите за пазарна вредност ретко се применуваат во анализа на работењето на претпријатијата, бидејќи тие се однесуваат за претпријатија кои котираат на берзата. А, на web-страницата на Македонската берза за долгорочни хартии од вредност, се објавува вредноста на овие индикатори за котираните компании. Независно од тоа, корисно е да се знае начинот на пресметка и интерпретација на индикаторите на пазарна вредност, а повеќе околу тоа може да прочитате во текстов подолу.
Инвеститорите купуваат акции со цел да остварат заработувачка од инвестираниот капитал во компаниите. Оваа добивка од инвестирањето во акции се состои од два дела: 1) добивка (или загуба) од продажба на акции по цена повисока од онаа по која се купени и 2) дивиденда. Следните финансиски показатели му помагаат на аналитичарот во анализа на акциите, преку нивната пазарна вредност или дивидендните плаќања.
- Нето добивка по акција (Earning Per Share –EPS);
- Однос пазарна цена и добивка по акција;
- Показател за плаќање на дивидендата;
- Дивидендна стапка;
- Книговодствена вредност по акција.
Нето добивка по акција (Earning Per Share –EPS) се пресметува како релативен на нето добивката остварена во текот на годината и бројот на емитирани акции:
Нето добивка по акција = Нето добивка / Број на емитирани обични акции
Овој индикатор покажува колкав дел од добивката може да се распредели на акционерите во вид на дивиденда или делумно да се акумулира, што зависи од големината на остварената добивка и политиката на распределба. Бројот на обични акции е всушност бројот на емитирани и продадени акции, односно бројот на акциите кои се во рацете на сопствениците. Овој показател ја мери успешноста на работење на претпријатието и е мошне значаен индикатор во инвестиционата анализа за потенцијалните инвеститори.
Показателот на односот на пазарната цена по акција и нето добивката по акција (Price-Earning Ratio, P/E) се добива со примена на следната формула:
Однос пазарна цена и нето добивка по акција = Пазарна цена/Нето добивка по акција
Ова е важен индикатор за идните вложувачи на капитал и неговата поголема вредност упатува на поголеми очекувања од акционерите за односното претпријатие. Поголемиот однос на пазарната цена и нето добивката по акција укажува на иден раст на нето добивката, што значи дека вложувачите имаат доверба во претпријатието. Пазарната вредност на акцијата се добива како производ меѓу вредноста на овој индикатор и добивката по акција. Ако добивката по акција изнесува 50 парични единици, а P/E e 4, тогаш се очекува пазарната цена на акцијата на тоа претпријатие во иднина да се движи околу 50 x 4 = 200 парични единици.
Показателот за плаќање на диведенда (Dividend Payout Ratio), се добива како однос на следните големини:
Показател за плаќање на дивиденда =Исплатена дивиденда по акција за претходните четири години/Нето добивка по акција (збир за претходните четири години)
Распределбата на нето добивката на дивиденда и задржана добивка е дел од политиката на распределба која се разликува од претпријатие до претпријатие. На пример, брзорастечките претпријатија целата добивка ја реинвестираат во претпријатието (Microsoft), додека стабилните фирми како General Electric голем дел од добивката ја исплаќаат на акционерите во вид на дивиденда.
Дивидендната стапка или приносот од дивиденда (dividend yield) претставува однос помеѓу дивидендата по акција и пазарната вредност на една акција:
Дивидендна стапка = Дивиденда по акција / Пазарна цена на акцијата
Овој показател го мери процентот од пазарната вредност на акцијата кој се враќа годишно во форма на дивиденда и е многу значаен за акционерите на компанијата. Посебен интерес за вредноста на овој показател покажуваат сопствениците на преференцијалните акции, кои инвестираат во акции претежно за добивање дивиденда. Процентот на исплата на дивиденда варира кај различните компании и обично се движи од 5% до 8% кај старите развиени компании, до 0% – 3% кај младите и развојно ориентирани компании.
Книговодствената вредност по акција се добива со делење на сопствениот капитал со бројот на емитирани обични акции:
Книговодствена вредност по акција = Сопствен капитал / Број на емитирани обични акции
Доколку би дошло до ликвидација на претпријатието, кога се подмируваат доверителите, на обичните акционери би им останале акции во вредност на овој показател. Овој показател се користи при утврдување на ликвидационата вредност, која претставува реален износ кој ќе го добијат обичните акционери на претпријатието доколку дојде до негово затворање. Ако се занемарат трошоците на стечајната постапка, ова би можела да биде минималната вредност по акција.
Многу од експертите се согласуваат дека сметководствената вредност на акциите воопшто не е корисна во инвестиционата анализа. Ова е од причина што сметководствената вредност е базирана на историските трошоци, додека пазарната вредност на акциите зависи од предвидувањата на инвеститорите за остварување дивиденда и пораст на вредноста на акциите во иднина. Меѓутоа, во практиката се среќаваат и такви инвеститори кои ги базираат нивните инвестициони одлуки на сметководствената вредност на акциите. Тие ги рангираат акциите според показателот кој го покажува односот на пазарната вредност на акциите и нивната сметководствена вредност. За овие инвеститори колку е понизок овој показател, толку се поатрактивни акциите и самите инвеститори се нарекуваат „value” инвеститори, за разлика од т.н. „growth” инвеститори, кои се фокусираат многу повеќе на трендот на нето добивката на компанијата.