• За Институтот
  • Курсеви
  • Блог
  • Продавница
  • Контакт
    • Регистрирај сеНајави се
Kурсеви за практични вештиниKурсеви за практични вештини
  • За Институтот
  • Курсеви
  • Блог
  • Продавница
  • Контакт
    • Регистрирај сеНајави се

Анализа на финансиски индикатори

  • Дома
  • Блог
  • Анализа на финансиски индикатори
  • Индикатори на деловна активност

Индикатори на деловна активност

  • Објавено од Весна Мицајкова
  • Категории Анализа на финансиски индикатори
  • Датум 14/10/2016
  • Коментари 0 коментари

efikasnostПоказателите за користењето (употреба) на средствата на компанијата, познати како показатели за обртот, се користат за проценка на користa од различните облици на средства и затоа се среќаваат и како показатели за ефикасноста на користење на средствата на компанијата. Ефикасноста на користење на средствата на компанијата се изразува преку остварениот обем на активност со дадена големина на средства, така што поголемиот обем значи и поголем обрт и обратно. Притоа, обртот може да се пресметува за вкупните средства со кои располага компанијата или, пак, за одделни групи на средства. На овој час ќе ги разгледаме следните индикатори на деловна активност:

  • Коефициент на обрт на вкупни средства;
  • Коефициент на обрт на побарувањата од купувачите;
  • Просечен период на наплата на побарувањата; и
  • Коефициентот на обрт на основните средства;


Коефициентот на обрт на вкупните средства ја покажува општата ефикасност во користењето на вкупните средства и се пресметува како однос помеѓу вкупните приходи и вкупните средства. Начинот на пресметка на овој коефициент е следниот:

Обрт на вкупните средства = Продажби (Приходи)/Просечни вкупни средства

При пресметката, просечните вкупни средства се пресметуваат како просечни вкупни средства од почетокот и од крајот на периодот во кој се остварени вкупните приходи (Вкупни средства на почетокот на периодот + Вкупни средства на крајот на периодот / 2). Добиениот показател ги покажува остварените приходи од продажбата од секој денар средства со кои располага компанијата. Сам за себе овој показател не покажува речиси ништо, освен фактот дека треба да се настојува истиот да биде што повисок. Ако една компанија може да генерира повеќе продажба со помалку средства, тоа значи дека има повисок коефициент на обрт, кој покажува дека станува збор за компанија која ефикасно ги користи своите средства. Спротивно на тоа, доколку една компанија има понизок коефициент на обрт на вкупните средства, тоа значи дека таа не ги користи своите средства оптимално. За да видите колкав е обртот на вкупните средства на вашата компанија, споредено со американските компании од истиот сектор на дејност, може да се послужите со податоци од: http://www.bizstats.com/. Во рамките на Industry Financials ќе го изберете видот на дејноста, а коефициентот на обрт на вкупните средства ќе го најдете во рамките на Industry Financials Ratios означен со називот Assets:Sales.

Коефициентот на обрт на побарувањата од купувачите претставува мерило за тоа кoлку пати претпријатието ги претворило своите побарувања од купувачите во парични средства во текот на годината.

Коефициентот на обрт на побарувањата од купувачите се пресметува на следниот начин:

Обрт на побарувања = Продажба (Приходи) / Просечни побарувања

Под просечни побарувања во горенаведената формула се смета просечното салдо на сметката Побарувања од купувачите од почетокот и крајот на разгледуваниот пресметковен период.

Повисоката вредност на овој коефициент укажува на поголема ефикасност во работењето односно поефикасна наплата на побарувањата од купувачите.

На коефициентот на обрт на побарувањата од купувачите ќе го надоврземе и индикаторот за просечниот период за наплата на побарувањата кој се пресметува на следниот начин:

Просечен период на наплата = 365 / Показател за обрт на побарувања

Овој показател покажува колку денови во просек се потребни за наплата на продадените стоки или услуги на купувачите на одложено плаќање. Неговата вредност треба да се анализира во контекст на одобрениот рок за плаќање на продадените добра и услуги. Ако вообичаениот рок за плаќање изнесува 30 дена, просечниот период на наплата треба да биде околу 30 дена. Подолг период значи незадоволителна наплата на побарувањато од купувачите во текот на годината.

Незадоволителната наплата на побарувањата од купувачите ја загрозува ликвидноста на компанијата, бидејќи доколку не обезбедиме доволно обртен капитал од наплата на побарувањата, нашата способност за подмирување на обврските кон добавувачите ќе биде загрозена. Друга причина поради која периодот на наплата на побарувањата треба да биде предмет на постојано следење е фактот дека побарувањата во одреден законски пропишан рок застаруваат.

Коефициентот на обрт на основните средства се јавува како алтернатива на показателот за обрт на вкупните средства и претставува однос меѓу вредноста од продажбата и основните средства со кои располага компанијата.

Обрт на основни средства = Продажби (Вкупни приходи)/Основни средства

Показателот за обрт на основните средства покажува колку ефикасно компанијата ги користи основните средства за да генерира приходи, односно укажува на продуктивноста на основните средства во генерирање на приходите. Повисоката вредност на овој показател укажува на повисока продуктивност и обратно. И неговата вредност, како и вредноста на останатите показатели на деловната активност на претпријатието, во голема мера зависи од гранката во која стопанисува претпријатието. И во однос на овој показател, споредбата на претпријатија од различни индустриски гранки е несоодветна.

Во продолжение се прикажани биланс на состојба и биланс на успех на едно претпријатие, врз основа на чии податоци ќе ги пресметаме гореспоменатите индикатори на деловна активност.

Биланс на состојба 2015 2014
Средства 8.693.000 8.565.000
Постојани средства 4.553.000 4.455.000
Материјални средства 3.700.000 3.700.000
Нематеријални средства 750.000 650.000
Вложувања во хартии од вредност 3.000 5.000
Вложувања во подружници 100.000 100.000
Тековни средства 4.140.000 4.110.000
Залихи 1.400.000 1.300.000
Побарувања од купувачите 2.500.000 2.500.000
Останати побарувања 150.000 250.000
Пари и парични еквиваленти 90.000 60.000
Акционерска главина и обврски 8.693.000 8.565.000
Капитал и резерви 7.303.000 7.015.000
Акционерски капитал 2.703.000 2.715.000
Останати резерви 1.300.000 1.300.000
Задржана добивка 3.300.000 3.000.000
Долгорочни обврски 50.000 170.000
Долгорочни кредити 50.000 170.000
Тековни обврски 1.340.000 1.380.000
Обврски кон добавувачите и останати обврски 950.000 1.000.000
Краткорочни обврски 390.000 380.000

 

Биланс на успех 2015 2014
Приходи од продажба 5.700.000 5.650.000
Трошоци на продадени производи 3.000.000 2.850.000
Бруто добивка 2.700.000 2.800.000
Трошоци за истражување и развој 46.000 39.000
Трошоци за продажба и маркетинг 1.750.000 1.900.000
Административни трошоци 270.000 270.000
Добивка од работењето 634.000 591.000
Трошоци на финасирањето 30.000 31.000
Добивка пред оданочување 604.000 560.000
Данок на добивка 60.400 56.000
Нето-добивка 543.600 504.000

Обрт на вкупните средства = Продажби (Приходи)/Просечни вкупни средства = 5.700.000/((8.693.000+8.565.000)/2))=0,66

Вредноста на показателот покажува дека разгледуваното претпријатие на секој инвестиран денар во средства остварува 0,66 денари приход од продажба.

Обрт на побарувања = Продажба (Приходи) / Просечни побарувања = 5.700.000/((2.500.000+2.500.000)/2))=2,28

Вредноста на показателот покажува дека разгледуваното претпријатие на ги трансформира побарувањата од купувачите во парични средства 2,28 пати во тек на годината.

Просечен период на наплата = 365 / Показател за обрт на побарувања = 365/2,28 = 160 дена

Просечниот рок на наплата од 160 дена укажува на ниска ефикасност во наплатата на побарувањата, доколку не станува збор за некоја специфична индустрија каде долгите рокови за кредитирање на купувачите се вообичаена пракса.

Обрт на основни средства = Продажби (Вкупни приходи)/Основни средства = 5.700.00/4.553.000 = 1,25

Вредноста на показателот покажува дека разгледуваното претпријатие на секој инвестиран денар во основни средства остварува 1,25 денари приход од продажба.

Пресметката на показателите на деловна активност за повеќе години наназад ќе ни овозможи ја увидиме динамиката на ефикасноста на работењето на претпријатието.

  • Сподели:
Весна Мицајкова
Весна Мицајкова е доктор по економски науки со повеќе годишно искуство во финансискиот сектор и искуство како предавач на група предмети од областа на сметководството и финансискиот менаџмент на високообразовна институција.

Претходен напис

Индикатори на финансиска структура
14/10/2016

Нареден напис

Kоефициент на обрт на залихи
20/10/2016

Може да Ви се допадне и

pazarni-indikatori
Индикатори на пазарна вредност
2 декември, 2016
inventory-control-warehouse
Kоефициент на обрт на залихи
20 октомври, 2016
Индикатори на финансиска структура
7 октомври, 2016

Меѓу финансиските индикатори, кои служат за анализа на деловното работење, значајно место заземаат и индикаторите на финансиската структура. Овие индикатори укажуваат на квалитетот на финансиската структура на едно претпријатие преку утврдување на степенот на неговата задолженост. Да се потсетиме на …

Остави реплика Откажи одговор

Мора да се пријавите за да испратите коментар.

Категории

  • Анализа на финансиски извештаи
  • Анализа на финансиски индикатори
  • Бизнис
  • НОВОСТИ
  • Планирање и предвидување
  • Управување со залихи
  • Управување со трошоци
-
logo-eduma-the-best-lms-wordpress-theme
kontakt@casoviposmetkovodstvo.mk
++389 075/747-480

Институт Практикум © 2016-2022 All rights reserved.

  • Услови на употреба
  • Политика на приватност

Најави се

No apps configured. Please contact your administrator.

Ја заборави лозинката?

Не си член се уште? Регистрирај се сега

Register a new account

Дали си член? Најави се

Facebook